Рафаел Леао го предводеше Милан до полуфиналето на Лигата на шампионите, прво за славниот италијански клуб по 16 години.
Во двата меча од четвртфиналето против Наполи имаше асистенција, а особено впечатлива беше вчерашната кога ја влечеше топката од својата половина, нареди неколку ривали и потоа го пронајде осамениот Оливие Жиру кој само ја проследи топката во празната мрежа.
Пред овој двомеч сите зборуваа за грузиското чудо на Наполи, Хвича Кварачхелија, но Португалецот од Милано го засени во дуелот.
„Спектакуларно“, „чудесно“, „неостварливо“, „португалски херој“, се коментарите на италијанските медиуми за играта на 23. годишниот напаѓач, кој доби пофалби и од легендарниот тренер Фабио Капело.
„Тој Леао е нестварен фудбалер. Кога ќе почне да трча, невозможно е да го запрете. Тој прави голема разлика на теренот и ако немате брз играч, тешко дека можете да одговорите на неговиот фудбал”, изјави Капело.
Милан во полуфиналето ќе игра против Интер или Бенфика. Првиот меч во Португалија, Интер го доби со 2:0.