Утрински Весник
Свет

Бившата сопруга на Путин заработува од војната во Украина

Бившата сопруга на Путин заработува од војната во Украина

Људмила Александровна Очеретнаја, поранешната сопруга на рускиот претседател Владимир Путин, дебело заработува од крвавата војна во Украина, пишува германски „Билд“.

dobivaj vesti na viber

На поранешната руска прва дама очигледно не ѝ е доволно тоа што Путин, од кого таа се разведе пред повеќе од девет години, ѝ овозможил да се стекне со големо богатство, дури и со луксузни куќи.

Како што пишува „Билд“ цитирајќи го рускиот истражувачки новинар Сергеј Ежов, сега е откриено дека Људмила Очеретнаја има сериозна финансиска корист од војната во Украина, заработувајќи од смртта на стотици илјади луѓе во Украина.

„Људмила, на пример, во 2018 година ѝ се приклучи на компанијата „Кармони“ (Carmoney), која е регистрирана на Кипар, со својата компанија „Меридијан“. До крајот на 2022 година поседуваше удел од 14,5% во компанијата,“ објаснува Ежов.

Како што истакнува Ежов, „Кармони“ нуди мини кредити преку својата руска подружница.

„Името на компанијата кажува се. За да добијат заем, луѓето ги ставаат во залог своите автомобили,“ вели тој.

Овие мини-заеми се особено барани кај Русите со ниски приходи. Од почетокот на војната во Украина, многу руски семејства земале таков заем за да купат заштитна воена опрема за своите синови или сопрузи за борбите во Украина бидејќи Кремљ често не им ја обезбедува.

Поради лошата економска ситуација во Русија, според „Билд“, бројот на вакви заеми е зголемен за 10 отсто од почетокот на војната во Украина, а „Кармони“ во 2022 година успеала да го зголеми профитот за 66%.

Благодарение на својот уделот во компанијата, Људмила заработила повеќе од 600.000 евра во првата година од војната.

„За да се прикрие директната трага, друга компанија ги презеде нејзините акции на крајот на 2022 година. Но, оваа компанија е поврзана со поранешната сопруга на Путин“, објаснува Ежов.

Добивката од кредитните трансакции не е единствениот извор на приход што го има Људмила. Таа, на пример, изнајмува огромен канцелариски комплекс во центарот на Москва во зграда која некогаш била културно и национално богатство на Русија, а со која Путин ја „почестил“ својата поранешна сопруга.

Објектот се издава преку фирмата „Меридијан“ на Људмила, а на списокот „потстанари“ се, меѓу другите, големите руски банки како ВТБ и Сбербанк, агенција за наплата, аптеки, а пред војната тука бил и „Бургер Кинг“. Вкупно, компанијата на Људмила заработува околу 4.4 милиони евра годишно од кирии.

На почетокот на мај минатата година, британските власти утврдија дека Људмила и понатаму има корист од деловните односи со руските државни институции поради што воведоа санкции за поранешната сопруга на Путин. Во ЕУ, пак, Људмила не е санкционирана.

Ежов смета дека поранешната руска прва дама не работи сама.

„Со многуте инвестиции што ги прави, се сомневам дека таа ги носи одлуките за тоа каде одат парите“, истакнува тој.

Можете да прочитате

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња

Уште една европска земја воведува туристички такси

Путин: Ако Киев стане нуклеарна сила, Русија ќе го употреби целото свое оружје против Украина