Утрински Весник
Македонија

Муцунски за изработката на ДУП за Лисиче: кампања за ширење лажни вести и дезинформации

Муцунски за изработката на ДУП за Лисиче: кампања за ширење лажни вести и дезинформации

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, одржа прес-конференција во врска со процесот на изработка на Деталниот урбанистички план во дел од населбата Лисиче.

dobivaj vesti na viber

Муцунски нагласи дека станува збор за координирана кампања насочена кон ширење лажни вести и дезинформации пред граѓаните, со која владејачката коалиција се обидува да направи дефокус, но и да ги затскрие сопствените крупни коруптивни скандали.

„Само кај нас во Македонија, може да имаме случај кога неуспешен градоначалник, на сомнителен начин унапреден во потпретседател на политичка партија на власт на својата мајка и помага да купи земјиште за луксузен хотел и тоа по багателни цени, токму во општина каде неговата партија е на власт. Или, пак случај каде отсуство од седница на владата може да биде земено како позитивна околност, а не како сомнеж за коруптивно дејство при продажба на земјиште на својата сопруга по нереално ниски цени“, истакна Муцунски.

Во однос на обвинувањата за наводна корупција и нетранспарентност во работењето на општината, Муцунски истакна дека граѓаните се свесни дека токму владејачката партија која стои зад овие неточни обвинувања, е симбол и школски пример за корупција.

„Сомнеж за коруптивно постапување ќе имаше доколку со овој детален урбанистички план општината предвидеше можност за продажба на земјиште на мојата сопруга по цена од 70 денари/м2 за изградба на фотоволтаици по примерот на премиерот Димитар Ковачевски. Сомнеж за корупција ќе беше доколку во овој ДУП, општината предвидеше маркица за хотел со 5 ѕвездички за мојата мајка, како што тоа го направи – согласно информациите од медиумите, потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев. Веројатно „транспарентност“ на начин како што го прави СДСМ ќе беше доколку документите ги криевме далеку од очите на јавноста, на начин како што СДСМ и ДУИ го кријат својот криминал. Да биде трагедијата уште поголема, тие бараат одговорност за документ чија изработка е иницирана во период кога со Општина Аеродром и со советот во општина раководат нивните кадри. Прстот на одговорност, несакајќи или без да знаат го вперија токму во кадри кои доаѓаат од нивните редови“, потенцираше Муцунски.

На локацијата на која е предвиден нов ДУП во Лисиче, според Муцунски не станува збор за изградба на стотици згради и наводно некакво „бетонирање“, напротив станува збор за детален урбанистички план кој подразбира изградба на околу 95% објекти и за индивидуално домување (куќи) и само неколку колективни станбени згради, ДУП кој за првпат предвидува изградба на нов парк во населбата Лисиче.

СДСМ претходно соопшти дека неколку парцели во Лисиче со површина над 1.000 квадратни метри биле купени како ниви пред овој урбанистички план да биде во процедура.

Можете да прочитате

Рокас: Очекувам овој пат и ЕУ да може да испорачува резултати со забрзана динамика

Димитријевиќ: СДСМ ќе покаже нова енергија и нова визија во креирањето на политиките

ЕСМ понуди поскапа цена на тендерот на ЕВН ХОУМ