Германската министерка за надворешни работи Аналенa Бербок ги омаловажи разликите во Европската унија по неодамнешните коментари на францускиот претседател Емануел Макрон за посетата на Кина, а министерот за одбрана е првиот германски функционер кој ја коментира изјавата на Макрон дека да се биде сојузник на Вашингтон не значи да се биде вазал, пренесуваат медиумите во регионот.
Бербок истакна дека во средата Макрон „уште еднаш нагласи дека политиката на Франција кон Кина ја одразува политиката на ЕУ кон Кина“.
„И покрај нашите разлики, една од силните страни на ЕУ е тоа што не само што сме блиски еден до друг, туку следиме заеднички стратешки пристапи за централните прашања од нашите интереси и вредности“, рече Бербок.
По тридневната државна посета на Кина минатата недела, Макрон ја повика ЕУ да заземе понезависен став за Тајван, нагласувајќи дека ЕУ треба да одржува еднаква дистанца од Кина и САД.
Бербок истакна дека Макрон ја посетил Кина во исто време со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, опишувајќи го тоа како „исклучително важен знак“.
Имајќи предвид дека Германија и Франција се дел од истиот внатрешен пазар на ЕУ, различните ставови за Кина, главниот трговски партнер на блокот, би биле невозможни, рече шефицата на германската дипломатија.
Германската влада поблиску ја координираше политиката со „пријателите во Франција“ отколку со која било друга земја од ЕУ, рече Бербок.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска ја нарече „несреќна“ изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека да се биде сојузник на САД не мора да значи да се биде вазал, пренесува „DPA“.
„Никогаш не бевме во опасност да бидеме или да станеме вазал на Соединетите Американски Држави“, рече Писториус, првиот член на германската влада кој јавно проговори за изјавите на Макрон, кои предизвикаа проблеми меѓу сојузниците на Франција. Тој изјавата ја нарече „несреќна“.
„Наша должност е да најдеме свои позиции во договорот со САД“, нагласи тој. Тој додаде дека поделбата и останувањето на различни позиции на крајот само „ќе ѝ помогнат на надворешната политика на Кина“, пренесува „Индекс“.