Утрински Весник
Култура

„Не ни ги кратете крилјата уште на почеток“ – џезерите им одговорија на класичарите кои не сакаат да ги делат со нив салите во Филхармонија

„Не ни ги кратете крилјата уште на почеток“ – џезерите им одговорија на класичарите кои не сакаат да ги делат со нив салите во Филхармонија

Животот е прекраток за да ни минува во чудесни расправии и исправање превртени разговори и неосновани размислувања. Ајде да најдеме решение во кое никој нема да биде загрозен. Ваква е пораката на Оркестарот за џез музика, по негодувањата на класичарите од Македонската филхармонија за споделување на просториите и салите во објектот за музицирање.

dobivaj vesti na viber

По вчерашната прес-конференција на Филхармонија од каде порачаа дека ќе протетираат ако џезерите останат со нив под ист покрив, Оркестарот за џез музика преку допис до медиумите нагласи дека се уморни од сета драма, бидејќи ваков начин на комуникација не им е својствен.

„Наместо да започнеме со нашата концертна и творечка дејност, ние се занимаваме со т.н. спинови, преписки или “ рекла – казала “ муабети, вокабулар кој не наликува на академски граѓани или уметници од висок ранг. Во Скопје, во моментов, постојат две концертни сали кои одговараат на изведувачкиот концертен карактер на нашиот оркестар. Тоа се МОБ и Филхармонија. До оној момент додека не се појави нова концертна сала, ние ќе мора некаде да ги одржуваме нашите проби и концерти“, велат од џез оркестарот.

Од тука повторија дека со нивната работа нема да се наруши комодитетот на било кој од вработените во Филхармонија, а впрочем не ни добиваат ниту еден релевантен аргумент дека нивното евентуално работење во зградата ќе го попречи работењето на класичарите.

„Ги повикуваме сите засегнати од оваа т.н. “Национална културна мело-драма “, да се однесуваат достоинствено, колегијално, солидарно, да ги согледаме фактите и да се соочиме со реалната состојба, до изнаоѓање на конечно решение, како што впрочем и стои во одлуката на Министерството за култура. Ние, како Оркестар за џез музика, ја покажавме нашата флексибилност со која гарантираме дека работата на Филхармонија нема да биде загрозена од ниту еден аспект и во ниту еден случај. Со надеж дека овој лош сон ќе заврши наскоро и во најбрз можен рок ќе почнеме со нашата најважна работа, музиката. Музиката секогаш ќе најде начин, но Ве молиме немојте да ни ги кратите крилјата уште на сам почеток“, велат од Џез оркестарот.

По вчерашната прес-конференција на Филхармонија реагираше и министерката за култура која порача дека останува на зборот оти ќе ја исполни обврската да изнајде трајно просторно решение за Оркестарот за џез, но не на перфиден и на подмолен начин со полувистини и со закани.

Ставот на класичарите е дека зградата била проектирана и замислена како објект за работа на еден симфониски оркестар, а секоја просторија е предвидена и осмислена со цел вработените да може да ги исполнат своите работни обврски. Реално, велат од Филхармонија, не е возможно да функционираат две национални устави, два оркестра со годишна програма.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“