Утрински Весник
Македонија

Синдикатот на Филхармонија и сврте грб на министерката за култура: Отидов на состанок, но немале желба да разговараат со мене за решение

Костадиновска-Стојчевска на министерска конференција  на Алијансата „Баукултур“ во Давос

Останувам на зборот дека ќе ја исполнам обврската да изнајдам трајно просторно решение за Оркестарот за џез, но не на перфиден и на подмолен начин со полувистини и со закани, објави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на социјалните мрежи во однос на незадоволството на класичарите во Филхармонија за сместувањето на џезерите во објектот.

dobivaj vesti na viber

„По вчерашната одлука на Владата за времено сместување на новоформираната НУ Оркестар за џез музика во просториите на НУ Национална Филхармонија, закажав состанок со вработените во Филхармонија за да продолжиме со разговорот за изнаоѓање заедничко решение. Јас отидов на најавениот состанок во Филхармонија, но како што ми беше пренесено, од Синдикатот немале желба да разговараат со мене“, пишува Костадиновска-Стојчевска.

Како што вели таа, како министерка за култура, но пред сè како човек, не може да дозволам, а уште помалку да го разбере ова ниво на некултура, особено не на дел од уметниците, кои до пред некоја година биле добредојдени во неколку институции од културата додека да го добијат заслужениот дом.

Директорката на Филхармонија, Тина Иванова денеска на прес-конференција посочи дека не го поддржуваат сместувањето на новоформираната национална установа „Оркестар за џез музика“ во објектот на Филхармонија, бидејќи „се создаваат услови за едни на сметка на нарушени услови на други“.

„По оваа едногласна размисла на сите вработени во оваа институција, бевме повикани на состанок од страна на министерката за култура, неколкумина музичари од Филхармонија, јас како директорка и двајца претставници на ЗЏМ, од кои едниот е вработен во Македонската филхармонија повеќе од 20 години. На состанокот, министерката за култура, откако и ги објаснивме причините и последиците од ова взаемно функционирање на два сосема различни оркестри, ни вети дека ќе го смени делот во одлуката за сместување на Националниот џез оркестар во домот на Филхармонијата“, посочи Иванова и додава:

„Но некои не се држеа до овој џентлменски договор кај министерката. Катадневно во јавноста пласираа невистини, дезинформираа, јавнаа на бранот на поддршката за институционализирање на ЗЏМ за што ние овде во Филхармонијата и со години се залагаме и со години ги поддржуваме и со години помагаме вклучително и јас лично. Непријатно сме изненадени од некои наши пријатели, колеги и соработници за манипулирањето на јавноста и медиумите“

Од Синдикатот на Филхармонија одбиваат средба со министерката, доколку не бидат исполнети нивните барања да се најде друго просторно решение за Џез оркестарот. Тие најавија јавни протести и бараат оставка од министерката доколку не се промени одлуката на наредната владина седница.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег