Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Европа нема интерес за ескалација на кризата околу Тајван и дека треба да продолжи со стратегија независна и од Вашингтон и од Пекинг, во денешна изјава за медиумите.
Макрон штотуку се врати од тридневната државна посета на Кина, каде што беше срдечно пречекан од кинескиот претседател Кси Џинпинг. Кина вчера почна со воени вежби во близина на Тајван, налутена од средбата на тајванскиот претседател Цаи Инг-вен со претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти во средата.
Макрон рече дека Европа не треба да го ескалира конфликтот околу Тајван, туку да се обиде да изгради сопствена позиција како трет пат меѓу Кина и САД, зборувајќи за Еко и Политико за време на посетата на Кина.
„Најлошото нешто би било да се мисли дека ние Европејците треба да бидеме следбеници во ова прашање и да се приспособиме на американскиот ритам или кинеското претерување“, изјави францускиот претседател за Политико.
Европа мора повеќе да ја финансира својата одбранбена индустрија, да развие нуклеарна и обновлива енергија и да ја намали зависноста од американскиот долар за да ја ограничи зависноста од САД, рече тој, објавија двата медиуми. Макрон го даде заедничкото интервју на петочниот лет меѓу Пекинг и Гуангжу.