Окружниот суд во Москва го одобри барањето на обвинителот за притвор на Дарија Трепова, која беше уапсена по експлозијата, во која во неделата загина воениот блогер Владлен Татарски. Трепова се товари за тероризам и нелегално тргување со експлозиви. Таа ќе остане во притвор до 2 јуни 2023 година, а рочиштето беше затворено за медиумите.
Според Обвинителството, Трепова во неделата попладне му ја предала статуетката полна со експлозив на Татарски во кафулето во Санкт Петербург. Откога таа му го врачила подарокот на блогерот, статуетката му експлодирала во рацете, при што Татарски загина, а 40 гости биле повредени. Истражниот комитет го квалификуваше како терористички напад тврдејќи дека бил планиран и организиран во Украина.
„Медуза“ известува дека организацијата, која себеси се нарекува Национална републиканска армија (НРА), ја презела одговорноста за убиството на Татарски. Претходно, таа ја презеде одговорноста и за убиството на Дарија Дугина, ќерката на соработникот на Путин, Александар Дугин.
„Организиравме и спроведовме акција на 2 април 2023 година против групата ‘З-активисти’ и лично против познатиот воен пропагандист, воениот злосторник Максим Фомин, познат како Владлен Татарски“, се вели во пораката објавена од НРА.
„Овој чин го подготвивме и го извршивме самостојно и немаме никаква поврзаност, ниту сме добиле помош од странски структури, а камоли од специјални служби“, соопштија од таму.
НРА исто така изјави дека нивната акција не била насочена против мирните цивили и оти сите жртви на нападот биле поддржувачи на руската војна против Украина.