Актерот Бен Афлек, кој го режира биографскиот филм за кошаркарската легенда Мајкл Џордан, се надева дека ќе добие позитивна оценка од него.
Филмот се базира на историскиот договор на Џордан со брендот „Најки“.
И покрај блескавите рецензии од критичарите и публиката по светската премиера на филмскиот фестивал South by Southwest минатиот месец, пензионираниот играч на „Чикаго Булс“ сè уште не го кажал своето мислење за филмот.
„Ер“ ќе почне да се прикажува во кината од среда (5 април), а подоцна ќе се емитува на „Амазон прајм видео“.
„Сигурно нема да ми биде пријатно да го промовирам филмот без да го добијам гласот на одобрување од Мајкл“, изјави Афлек за „Ројтерс“.
„Ќе ви кажам дека секој чекор беше преземен со цел да се осигури да му биде достапна секоја опција поради почитта што ја имаме кон него“.
Актерската екипа на „Ер“ го вклучува Мет Дејмон, кој го продуцира филмот и го портретира поранешниот директор за спортски маркетинг, Сони Вакаро. Афлек го глуми коосновачот на „Најки“, Фил Најт, а актерката Виола Дејвис ја портретира мајката на Џордан, Делорис Џордан.
Има една клучна улога што Афлек и Дејмон решија да не ја пополнат, а тоа е на Мајкл Џордан.
Тие беа свесни дека нема да биде лесно да се најде актер што ќе го портретира Џордан.
Наместо да бара актер што ќе се обиде да ја долови кошаркарската легенда, „Ер“ прикажува мали фрагменти со негово присуство, вклучувајќи испрекинати снимки од неговата играчка кариера на крајот.
Филмот го истражува потеклото на популарната линија кошаркарски патики „Ер Џордан“ (Air Jordan) во 80-тите, чие лого прикажува темна силуета на Џордан како скока со топка во раката, а која подоцна стана главен производ и во модната и во спортската индустрија.