Веќе петти ден на Клиниката за Токсикологија е хоспитализиран битолчанецот поради испиено корозивно средство во кафуле.
Според информациите што вчера ги објави „Макфакс“ , 42 годишниот маж во кафулето побарал кисела вода, а се сомнева дека му донеле детергент за перење на садови и можно е поради настанот да има последици по неговото здравје и во иднина.
Здравствените лица денес информираа дека неговата состојба се следи, но е стабилна.
Директорот на клиниката, Ридван Бајрами, објасни дека пациентот бил примен во тешка состојба. Направени се испитувања кои покажале дека горниот дигистивен тракт е оштетен.
„Ќе видиме наредните денови како ќе се одвиваат работите, бидејќи тоа е патологија која се развива. Оштетувањето не е акутно, туку се развива“, рече директорот.
Пациентот прима терапија за корозивна интоксикација и се чекаат резултатите од Институтот за судска медицина каде се вршат испитувања.
Случајот е пријавен во полиција од страна на сестрата на битолчанецот. Според пријавеното, тој испил кафе и побарал пакувана вода, а кога ја испил течноста, му се слошило. За настанот бил запознаен јавен обвинител, а увид извршила екипа на СВР Битола.