Поранешниот руски претседател и актуелен заменик претседател на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев изјави дека опасноста од нуклеарен конфликт е зголемена.
Тој тврди дека светот се приближува до „нуклеарна апокалипса“ поради испраќањето оружје во Украина. Медведев ги даде овие забелешки за време на интервјуто што го даде за главните руски медиуми, вклучително и државната новинска агенција Риа Новости.
„Помина ли заканата од нуклеарен конфликт? Не, не помина. Се зголеми. Секој ден кога се доставува странско оружје во Украина, се поблиску сме до нуклеарна апокалипса… Имам чувство дека до одреден момент тие не веруваа и не ја видоа решеноста на Русија“, рече Медведев, пренесува „Украинска правда“.
„И тие погрешно пресметаа. Последиците се многу покомплицирани отколку што можеа да бидат ако го потпишаа документот со нас во декември“, додаде тој.
Медведев веројатно мислеше на договорот за „непроширување на НАТО“ и „поместување“ на границите на Алијансата до состојбата од 1997 година, што Русија го предложи во декември 2021 година, односно два месеци пред почетокот на инвазијата.
Последен пат прашањето за руската нуклеарна закана беше покренато во февруари, по одлуката на Москва да се повлече од Договорот за намалување на стратешкото оружје.
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна го критикуваше планот на Обединетото Кралство за испорака на гранати со осиромашен ураниум на Украина, тврдејќи дека тоа се оружје со „нуклеарна компонента“,пренесе Индекс.хр.