Утрински Весник
Македонија

Од „Ќе видиш што ќе ти се случи“ до сечење гуми од автомобил – градоначалникот на Штип за заканите: Мислев ќе помине

Од „Ќе видиш што ќе ти се случи“ до сечење гуми од автомобил – градоначалникот на Штип за заканите: Мислев ќе помине

Закани со зборовите „Ќе видиш што ќе ти се случи“ завршиле со сечење на гуми од автомобил. Вака градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов ги опишува претходните два месеци, за кои посочува дека бил мета на вработен бидејќи не го назначил на командирска функција. Јорданов посочува дека првично не го сфатил сериозно, се додека вчера, не биле исечени гумите на автомобилот со кој тој патува на подалечни дестинации. Вработениот сакал командирска функција во Противпожарната бригада. Јорданов за „Макфакс“ открива дека постојат и видео снимки.

dobivaj vesti na viber

„Станува збор за нереализирана лична амбиција, тоа е причината поради која тргна целата оваа работа. Заканите кои што беа вербално упатувани кон мене и трети лица, не сум одлучувал досега да ги пријавувам бидејќи мислев дека ќе помине и заврши. Ескалираше ситуацијата. Возилото со кое одам на пат во Скопје или на други подалечни дестинации го користам, а не е во моја сопственост, наменски се избушени гумите за да прати порака“, посочува градоначалникот на Штип.

На уништувањето на гумите, според градоначалникот, претходел друг настан.

„Во текот на вчерашниот ден, службените паркинг места кои ги има општината беа блокирани во неколку наврати од страна со неговото приватно возило со што јас го пријавив тоа во полиција, па дојде до тој момент“, посочува Јорданов.

Тој ги опиша и заканите кои ги добивал.

„‘Ќе видиш кој сум јас’ ‘ќе видиш што ќе ти се случи’, преку трети лица: ‘ова ќе му направам, ќе се влече по улици’.. Но тие не сум ги ставам толку важни како рeална опасност, до моментот кога видов дека не бира средства за да испрати порака“, вели тој за „Макфакс“ и додава: „Затоа и го пријавив во полиција, за да не направи друга материјална штета на мене, мои блиски, мој имот или физички да се пресмета“

Според градоначалникот на Штип, лицето сака да биде унапредено во командир на Противпожарната бригада и покрај тоа што не исполнува законски услови. Додава дека не е првпат да биде пријавуван за некој вид насилство.

„Не ги исполнува законските услови, тие се законски утврдени. Треба да има пет години работно искуство во униформа, лицето го нема тоа работно искуство. Ова мислам дека е само изговор, тоа е начин на функционирање бидејќи и поранешни градоначалници го имаат пријавувано за некој вид насилство – вербален напад, обид за физички напад, закани. Мислам дека на тој начин добива нешто и функционира“, додава Јорданов за „Макфакс“.

Вчеравечер, еден и пол час пред полноќ, градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, пријавил дека континуирано во неколку наврати добивал закани. Ова траело со месеци, а вчера затекнал и како гумите од неговото возило биле распарчени. Тој пријавил дека делото го сторил вработен во Општината.

Можете да прочитате

Министерството за економија ја „спакува“ новогодишната кошничка

Владиката Тимотеј ќе биде погребан в четврток на Плаошник

СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот