Градоначалникот и лидер на БЕСА, Билал Касами, за „Макфакс“ посочува дека во објавата на социјалните мрежи не напишал дека Тетово е „главен град“ туку „центар“ на Албанците во Македонија. И покрај инсистирањето, без негов став останаа низа прашања, меѓу кои и дали е свесен дека со објавата поттикна меѓуетнички тензии. Тој не кажа ниту дали смета дека истата треба да ја избрише, за да спречи лавина негативни реакции.
„Не се работи за никаков ‘главен град’, туку за ‘центар’ на Албанците во Северна Македонија. Во објавата стои многу јасно тоа што сакавме да го кажеме. Тоа е реалноста, а тие што сакаат да ја злоупотребат, се обидуваат да и дадат друга насока“, вели Касами за „Макфакс“.
Сепак, тетовскиот градоначалник реши да не одговори каква порака испраќа со објавата, ниту дали ги прочитал коментарите под неа. Граѓаните го потсетија и дека градот со кој раководи е најзагаден.
„Ало дечко, Тетово такво какво што е никакво а се тоа е поради твојата неспособност. Не е достојно да се спореди ни со селата околу Тирана“, се вели во еден од коментарите.
Во друг коментар се вели: „Ловиш поени во матно не доликува на еден градоначалник во мултиетнички град“.
„Тоа пред огледало да си го кажуваш и пак нема никогаѓ да биде вистина! Да, главен град на загаден воздух, гнасни улици, 20 метра недовршени асфалти, кучиња, град без паркови, мафија итн. На тоа си ти градоначалник и ништо друго“, му порача друг жител.
Под објавата има педесетина коментари, а во јавноста и реакции од ЛДП и СДСМ.