Нема помала казна за мајката Налиље А. од Скопје, која си ја продаваше малолетната ќерка и ја присилуваше да дава сексуални услуги. Апелација одлучи да ги потврди 15-те години затвор. Ова значи дека се одбиени жалбите на мајката, која бараше помала казна, но и на Обвинителство, од каде што бараа поголема казна за направеното дело.
„Потврдена е пресудата. Жалбите се одбиени“, велат од Апелација за „Макфакс“.
Жалби на првостепената пресуда имаше и од двете страни. Жалбата на мајката беше дека таа има признание на вина, а казната ѝ е високо одмерена. Обвинителството, пак, бараше поголема казна бидејќи противправните дејствија врз малолетното девојче траеле три години.
Мајката Налиље пред судот призна дека ја запознала ќерка си со поранешниот полицаец, па употребувајќи физичка сила, ја носела во неговата куќа и за паричен надомест од 2.000 денари, а понекогаш и за 500 денари, му овозможила да врши полови дејства со малолетничката.
Девојчето било малтретирано од двајцата родители. Таткото почина за време на судењата пред изрекувањето на пресудата од Кривичниот суд. По предметот е одлучено од Апелација за една година.