Нова рунда фудбал се играла во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководи Артан Груби. Тој пред една недела се извинуваше за спортувањето во кабинетот кога гости му беа останатите функционери од ДУИ, а денеска објави нови фотографии. За разлика од претходно, сега фудбал не игра тој, туку неговиот гостин.
„Пријателски разговор околу актуелната политичка ситуација, европската перспектива на земјата и целиот регион со американскиот филантроп и Претседател на Фондацијата ‘Отворено општество’, г-дин Александар Сорос“, напиша Груби.
Минатата недела имаше бура од реакции поради тоа што во Министерството се играше фудбал и кошарка. Поради тоа, Груби ѝ се извинуваше на јавноста.
„Ако тоа толку длабоко задира во вашите, твоите, во сите ваши чувства, јас навистина ви се извинувам затоа што сме играле фудбал и сме играле баскет. Ако толку задира во чувствата за било кој што е трогнат од таа слика“, кажа Груби пред осум дена.
Претходно, во истото Министерство, гости пречекуваше и средби остваруваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети.