Директорот затворот „Идризово“, Шпенд Тахири, не понесе одговорност за низата скандали кои го следат неговото директорување, но ќе биде разрешен поради политичкиот пазар, дознава „Макфакс“. Според извори во Владата, тој засега е едно од кадровските прашања за кои треба да се дискутира бидејќи ресорот ќе го преземат Алијансата за Албанците или СДСМ. Пред еден месец, „Макфакс“ побара и коментар од Владата, дали новите коалиции се поважни од одговорноста која треба да се понесе при нестручно раководење со институциите – но оттаму досега не одговорија. Став за најавеното разрешување побаравме и од директорот Тахири, но не одговори на нашиот повик.
Изминатите месеци во затворот „Идризово“ се случија низа скандали. Полицијата правеше претреси по налог на суд и наоѓаше дрога, телефони, недозволени предмети. Имаше и тепачки, по кои затвореници беа пренесувани во болница. Постоеше и обвинување дека затворски полицајци, ноќта пред дочекот на Нова година, претепале млад затвореник. Меѓу најголемите скандали беше бегството на Беким Мемети за кое се води и истрага, а во кое осомничени се командир и затворски полицајци.
Пред скоро два месеци, премиерот Димитар Ковачевски, прашан дали Тахири ќе понесе одговорност за сите случувања во „Идризово“ – не негираше, ниту потврди иако тоа е предвидено со Законот за извршување на санкции. „Макфакс“ упати и писмени прашања на 20 јануари – на кои досега не доби одговор.
Тахири дојде на функцијата без искуство во затворскиот систем. За него, Управата за санкции велеше дека му е дадена шанса да се докаже.
„Го предложив за да добие шанса како секој еден. Го најдов во општина Камењане, ми го препорачаа како голем борец против криминал и корупција“, рече Марјан Спасовски, разрешениот директор на Управата за санкции.
Седница за Владата е закажана и за денеска. Дали сите кадровски прашања ќе се најдат на дневен ред, ќе се знае кога седницата ќе започне.