Утрински Весник
Македонија

Бутел на протест, не даваат Арсовска да им гради улица низ дворовите

Бутел на протест, не даваат Арсовска да им гради улица низ дворовите

Незадоволните жители од улицата Хо Ши Мин во Бутел денес протестираа против одлуката на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска за изградба на улица што минува низ нивните дворови.

dobivaj vesti na viber

Жителите од 16 куќи лоцирани на улицата во рок од три дена треба да се откажат од дел од своите дворни места, кои се државна сопственост, но тие ги користат речиси 60 години поради пробивањето на улицата.

Граѓаните мислат дека сето ова се реализира со цел да се изградат згради во согласност со планот донесен во минатото.

На протестот се приклучи и градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, кој рече дека нема да дозволи во Бутел да дивее урбаната мафија.

Костовски порача дека Арсовска треба да ја промени трасата на градската улица, која поминува до домовите на луѓето, а со што се отвора само простор за нови згради.

„Денес, со задоволство се приклучив кон протестот што го организираа жителите на улицата Хо Ши Мин. За време на кампањата пред изборите им дадов збор дека ќе се борам со урбаната мафија и ќе дадам сè од себе да го зачуваат нивниот мирен начин на живеење“, рече Костовски.

Општина Бутел испрати допис до Град Скопје, со кој ја поддржа граѓанската иницијатива, а од Град Скопје се бара трасата на градската улица да биде поместена или во договор со граѓаните да се изнајде прифатливо решение.

Градот не се откажува од планот, а по протестот од тука објаснија дека трасата на улицата Боца Иванова е предвидена со Генералниот урбанистички план и во целата своја должина се простира на земјиште што е во државна сопственост.

„Во овој дел законот е јасен и дециден и нема простор за политички манипулации. Неправото не може да произведе право, па оттаму граѓаните на градот Скопје не може да бидат спречени во своите права за своите даноци да не добијат соодветни услуги, нова инфраструктура и безбедно сообраќајно решение. Неправото на неколкумина не може да го дерогира правото на сите“, велат од Град Скопје.

Што се однесува на наводни ДУП-ови за изградба на згради на потегот на оваа траса, Арсовска на Костовски му порача да ги научи своите ингеренции. Детален урбанистички план носи Општината, а не Град Скопје.

„Тоа што Дарко Костовски ветувал дека на тој дел на улицата Боца Иванова ќе легализира земјишта на кои ќе вцртува маркички за изградба на згради, а кои сега, поради реконструкцијата на улицата, нема да биде возможно да се доделат, е негов проблем, а никако проблем на Градот или на граѓаните на град Скопје“, велат од Град Скопје.

На овој појас Градот воведува забрана за изградба и предвидува целиот овој потег да биде зелен појас.

Од тука апелираат граѓаните да не дозволуваат да бидат манипулирани и инструментализирани за остварување на, како што велат, бизнис-интересите на неколкумина политиканти и бизнисмени. На крајот, одговорноста е на оној што узурпира државно земјиште, а не на политиканите, велат од Град Скопје.

 

Можете да прочитате

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

(Видео) Аерозагадувањето е темата на новата епизода од подкастот ЗРАК со д-р Мариа

Милошоски: Донесениот заклучок од страна на членовите на Судскиот совет за продолжување на мандатот на Весна Дамева е незаконски