Фудбалерот на Тотенхем, Дејан Кулушевски, вечерва со лондонскиот тим ќе игра против Милан во реванш мечот од осминафиналето на елитното европско клупско натпреварување. Во интервју за официјалната страница на ЛШ, тој се потсети на детските денови, кога му се воодушевувал на Горан Пандев, кој постигнуваше голови во ЛШ.
„Вторник и среда, во 21 часот во Шведска. Секогаш имав пуканки и со моето семејство ги гледавме тимовите, ги гледавме најдобрите играчи во светот. Го гледав и му се воодушевував на Горан Пандев. Кога го постигна голот против Баерн Минхен во дресот на Интер. Тој е Македонец како нас. Тогаш бевме многу горди што постигна толку важен погодок“, изјави Кулушевски.
Во младинските репрезентативни категории Дејан Кулушевски играше за Македонија, но потоа одлучи да заигра за сениорскиот национален тим на Шведска, земјата каде што е роден.