Утрински Весник
Македонија

Пановски: Немаме доволен број претставки и жалби од пациенти

Пановски: Немаме доволен број претставки и жалби од пациенти

Обновената Комисија за заштита на правата на пациентите во Град Скопје се пожали дека нема доволен број претставки и жалби од пациенти што сметаат дека им било прекршено некое право. Иако во јавноста не стивнуваат жалбите од здравството, и јавно и приватно, ретки се оние што официјално се пожалиле. Претседателот на Комисијата, д-р Никола Пановски, денес од говорницата на Советот на Скопје ги повика советниците да ги известат граѓаните дека таа постои и дека може да се пожалат.

dobivaj vesti na viber

„Стапивме во контакт со сите 39 здруженија и ги информираме дека Комисијата постои и чекаме од нив да ги информираат своите челнови за да може да се жалат и да дадат претставки во Градот. Главниот проблем што го имаме, заради тоа што Комисијата, која успешно работела, а според наши сознанија, во 2020 престанала да работи, ѝ истекол мандатот поради короната, па сега треба повторно да ја разработиме, е што немаме доволен број претставки и жалби. Ве замолувам како советници, нè има на веб- страницата и на ‘Фејсбук’, да кажете дека таква можност постои. Многу е лесно пациентите да кликнат на линкот и да излезе формулар бидејќи нам тоа ни треба. Свикуваме состанок и сакаме за секој одделен случај да имаме расправа, да помогнеме колку можеме“, рече Пановски.

Досегашните искуства од функционирањето на Комисијата пред корона-кризата покажуваат дека речиси 50 отсто од претставките биле позитивно решени, меѓу другото, со помош од Комисијата. Пановски е зачуден од односот на Градот кон Комисијата оти вели дека со месеци чекале на веб-страницата на Градот да биде поставена вест дека таа повторно работи за да може пациентите да поднесуваат жалби и претставки.

„Уште во октомври го известивме Градот дека Комисијата е конституирана и побаравме тоа да оди на веб-страницата како вест и да има линк. Поминаа два месеца, тоа не се случи, па колешката, која е заменик-претседател, Жаклина Шопова, тука е и Катерина Јовановска, ние тројца сме претставници од Советот, постави советничко прашање. По еден месец доби одговор, тоа беше во јануари, дека Градот ќе ја постави веста. Се работи, според мене, за пет минути работа. Но, откога излезе извештајот, во кој беше наведено сè ова што ви го кажувам, нè замолија да го ублажиме извештајот и веднаш го поставија, по точно четири месеци, дека постои таква комисија. Сосема неразбирливо е сам себе да си пукаш во нога. Се надевам дека Градот сака Комисијата да биде таа што ќе се пофали оти постои и работи“, рече Пановски.

Комисијата ќе отпечати постери и летоци што ќе им ги подели на здравствените установи и на здруженијата за да стане повидлива за пациентите. Известени се сите 39 здруженија на пациенти и од нив е побарано да ги известат своите членови дека секој граѓанин може да се обрати до Комисијата доколку смета дека му се нарушени правата како пациент.

Можете да прочитате

За упис на средношколци во дуалното образование 269 дуални паралелки и 6.725 слободни места 

Андоновски – Гавковски: Полска и Министерството за дигитализација ќе биде најголем поддржувач на европската интеграција на Македонија

Исклучен Термоблок 2 во РЕК Битола поради заштитна реaкција, поведена е истрага