Во рамките на предметот „Архитектонско студио 5.2“, од денес почнува изложбата на трудови на студенти од факултетот, „Зграда на општинската администрација“, која наредните денови ќе биде поставена во младинскиот центар „Матично“.
Студентите за оваа вежба црпеа инспирација од актуелната локација на Општина Центар во Дебар Маало, а изложени ќе бидат избрани проекти од предметот „Архитектонско студио 5.2“, односно најдобрите 10 студентски проекти илустрирани преку постери и макети, работени во текот на петтиот семестар.
За студентите, петтиот семестар претставува вовед во проектирањето на комплексните типологии од областа на јавните згради, со фокус на административниот, односно канцеларискиот простор. Преку темата за општинска администрација студентите имаа можност да размислуваат за начините на кои архитектурата учествува во создавањето пристапни и транспарентни институции и придонесува кон поголема ефикасност на администрацијата, реорганизирајќи ја во современи модалитети на работење. Студентите беа исправени и пред предизвикот да ги одмерат нивните концепти во однос на препознаените амбиентални траги на некогашното Дебар Маало создавајќи нов амбиент во кој опстојуваат старите локации, како портата на некогашната Учителска школа и парковскиот пејзаж.
Изложбата „Зграда на општинската администрација“ во младинскиот центар „Матично“ ќе може да ја видат сите заинтересирани граѓани и љубители на архитектурата и уметноста во периодот од денес до 3 март.
Во подготовката на проектната програма помогнаа вработените од секторот за урбанизам, кои беа отворени за сите прашања на студентите по архитектура.
Проектите ги менторираа проф. д-р Анета Христова-Поповска, проф. д-р Михајло Зиноски, вонр. проф. д-р Мери Батакоја и асист. д-р Благоја Бајковски.
Соработката помеѓу Општина Центар и Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ уште во 2019 година се официјализира со потпишувањето меморандум преку кој студентите од Факултетот заедно со општинските стручни служби реализираат практично-теоретска настава и вежби.