Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, бара од пратениците од Комисијата за европски прашања, доколку на дневен ред биде ставен предлог Законот за игри на среќа, истиот да не го разгледува поради ненадлежност и да не дадат согласност за предлог законот поради неуставност. Вуцас укажува дека владеењето на правото ги опфаќа сите институции и процеси, а исклучително е важна одговорноста што ја има законодавниот дом.
Контроверзните измени на законот прекршуваат и четири члена од Уставот на Република Северна Македонија, предупредува амбасадорот.
,,Актуелните одредби ги нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок во член 8 од Уставот на Република Северна Македонија, т.е. владеење на правото, слобода на пазарот и претприемништво, почитување на општоприфатените норми на меѓународното право“- пишува во писмото од амбасадорот на Австрија во земјава.
Амбасадорот во писмото потенцира дека измените на Законот кои што ги предлага Владата се косат и со други членови од Уставот – членот 51 каде е регулирано дека сите закони мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Вуцас наведува дека измените на регулацијата се спротивни и со членот 52 од Уставот во кое е регулирано дека законот не може да има ретроактивно дејство, а се косат и со членот 59 кој гласи:
„На странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката. Правата стекнати врз основа на вложениот капитал не можат да се намалуваат со закон или друг пропис“.
Од Владата и Собранието велат дека го добиле писмото од амбасадорот и најавија дека ќе го разгледаат.
ПР