Наградуваниот роман „Градина од стакло“ од романската писателка Татјана Цибуљак ќе биде претставен со онлајн-промоција на 28 февруари (вторник), во 19 часот, на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“.
На промоцијата, покрај авторката Цибуљак, ќе зборуваат и уредничката на книгата Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски, кој ја преведе од романски јазик.
Книгата „Градина од стакло“, која е добитник на наградата на Европската унија во 2019 година, е еден од насловите за кои на конкурс во организација на „Арс Ламина“ се избираше дизајн за корици за новата едиција „Порта Европа“. Жирито го избра за победничко решението на Андреј Лавчански.
„Градина од стакло“ е восхитувачки раскажана приказна за животот на „малите“ луѓе во заднината на големите историско-политички промени со распадот на СССР, за идентитетот, за различноста, за борбата на една цела женска генерација да пронајде свое пристојно место во суровиот свет.
Ова е роман за едно девојче сирак, кое ќе успее во животот. Иако главната тема имплицира ризик од мелодраматичност, авторката ја избегнува стапицата, пишувајќи стилско ремек-дело. Русинкатa Тамара Павловна ја посвојува Ласточка од сиропиталиште и ја принудува да собира празни шишиња и да ги мие, во еден двор на чуда во Кишинев во осумдесеттите години на минатиот век, каде што рускиот, романскиот и молдавскиот јазик се континуирано предизвикани од секакви животни приказни.
Ласточка и Тамара Павловна тргнуваат низ животот, развивајќи многу сложен меѓусебен однос преполн со љубов и омраза. „Малите“ луѓе од соседството стануваат новото семејство на Ласточка, која излезот од сиромаштијата и насилството ги гледа во образованието. Иако успева да стане докторка, Ласточка не престанува да страда…
Приказната на Ласточка содржи неколку теми: потрага по идентитет, станување жена и мајка, заедно со интензивна оркестрација на чувствителноста и огорченоста и на љубовта и омразата. На привлечен начин авторката го создава секојдневниот универзум, сцена по сцена, еден допир по друг. Девојката-жената-мајката се присетува на своето детство, на тоа колку било нереално и чудесно, како и на нејзината преобразба, распарчена од трагичното мајчинство. Романот содржи неоспорна историска, дури и политичка димензија, што ги допира темите на распаѓање на Советскиот Сојуз и падот на комунизмот. Суптилната напнатост се контролира не само тематски туку и преку предизвици и во вокабуларот и во темите. Елиптично и страсно, творештвото на Татјана Цибуљак е за потрагата по нашето место во светот.
Татјана Цибуљак е родена во 1978 година во Кишинев, Република Молдавија, и по националност е Молдавка и Романка. Пишува на романски јазик. Студира на Факултетот за новинарство и комуникации при Државниот молдавски универзитет. Првпат го привлекува вниманието на јавноста во 1995 година, како авторка на колумната „Вистински приказни“ во дневниот весник „Флукс“. Во 1999 година му се приклучува на тимот во телевизиската куќа ПРО ТВ Кишинев како репортер, уредник и ТВ-водител, а исто така работи и за УНИЦЕФ во Молдавија. Од 2008 година живее во Париз.
Како писателка дебитира во 2014 година со збирката раскази „Модерни бајки“, издадена од издавачката куќа „Урма Та“ во Кишинев. Во 2017 година го објавува првиот роман „Летото кога мајка ми имаше зелени очи“ од издавачката куќа „Картиер“ и ги добива следните награди: наградата на Сојузот на писатели на Молдавија, наградата на културно-литературното списание „Опсерватор“ во Букурешт и наградата „Опсерватор лицеум“ на фестивалот ФЛИТ во Јаш, Романија. Романот е преведен на француски и на шпански јазик. „Градината од стакло“ е нејзин втор роман, за кој ја добива наградата на Европската унија во 2019 година.