Од судијката Добрила Кацарска, која постапуваше по предметот „27 април“, може да се учи кога во прашање е судството. Ова го посочува вицепремиерот и ексминистер за правда, Бојан Маричиќ. Тој претпоставува дека од неа може многу да се научи.
Прашан дали ова го тврди само поради тоа што таа ги задоволила нивните очекувања како судијка во Кривичниот суд, тој посочи: „Никогаш не сум ги ценел луѓето од тоа како и дали задоволувале мои очекувања. И не сум имал никакви очекувања од неа, освен да си ја врши својата работа професионално“.
„Дали е унапредување или не е, зависи од кој аспект го гледате“, вели Маричиќ коментирајќи ја тезата дали Кацарска е унапредена со изборот во Уставен суд.
Тој не кажа врз основа на кои критериуми ја оценува како подобар судија од другите.
„Јас мислам дека Добрила Кацарска е еден од поквалитетните судии и обвинители во оваа држава и дека сосема е заслужено на местото на кое се наоѓа“, рече Маричиќ.
Тој одговара и на прашањата кои судии не му се допаѓаат, дали е задоволен до реформите во судството.
Според Маричиќ, ВМРО-ДПМНЕ со тезата „Кацарска-судство, Русковска-обвинителство“ терала лична хајка со цел, како што кажа: „застрашување судии и обвинители, па дури и нивна лустрација по нарачка“.
„Го слушав вчера Антонијо Милошоски и не ми се веруваше дека може да зборува за хајка или, пак, за некакво казнување затоа што некој не добил грант од државата наспроти неговиот телефонски разговор во кој лустрира судија“, вели Маричиќ.