Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин направил „грешка“ кога го суспендирал учеството на Москва во договорот за контрола на нуклеарното вооружување Нов СТАРТ со Америка.
Бајден, кој ја завршува четиридневната посета на Полска и Украина, за првпат ја коментираше вчерашната најава на Путин за напуштање на договорот, велејќи дека ја осудува одлуката на Москва.
Тој денеска заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг беше главен гостин на попладневниот самит на Букурештската деветка во главниот град на Полска, Варшава, каде разговараше со лидерите на Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Словачка.
„Кога Русија ја започна инвазијата, не беше тестирана само Украина. Целиот свет се соочи со предизвик“, изјави американскиот претседател од кралскиот замок во Варшава.
Бајден им рече на членките на НАТО на источното крило дека неговата администрација е подготвена да одговори на заканите и другите влијанија поттикнати од жестоката руска инвазија на Украина.