Утрински Весник
Македонија

Скопјанка натепана од разбојник во Карпош, ќерката сведочи: Има повреди на окото, вратот и раката – внимавајте!

Скопјанка натепана од разбојник во Карпош, ќерката сведочи: Има повреди на окото, вратот и раката – внимавајте!

Скопјанка сподели фотографии од нападот кој непознат маж го извршил врз нејзината мајка пред влез на зграда, а снимен од безбедносните камери. Жената имала повреди на окото, вратот и раката, јавно сведочи Анета Малова. Настанот се случил во Карпош, за каде во изминатиов период беа споделени информации дека крадци пустоштат низ домовите на жителите. Од МВР велат дека нема 70 кражби и 11 нападнати жени, туку дека шест објекти се ограбени, а три жени нападнати во изминатиот месец и половина.

dobivaj vesti na viber

„Видеото нема да го објавам затоа што ми се превртува желудник секојпат кога и да го изгледам. Нападната е пред влезна врата со што и се нанесени повреди на окото, вратот и раката. Пријавено е, реагирано е со време и тој што ја нападна е веќе приведен и нема место за паника. За среќа од страна на полицијата се реагираше експресно. Но за жал, од него се направени повеќе штети и се надевам дека соодветно ќе одговара за истите. Но, сепак внимавајте овој е само еден од многумина што се шетаат низ Скопјево. Жени, мајки, девојки, девојчиња и сите останати, внимавајте, Скопје одамна не е безбедно место за живеење! И да, мажи, не пиштол да купувате, излезете и пречекајте ги вашите блиски доколку мора да се вратат доцна навечер, барем тоа е најмалку што можете да направите за нив. Чувајте се. Мајка ми е добро, но стравот е поголем. Комшии, кога ќе слушнете повик за помош, не игнорирајте“, пишува во јавната објава на скопјанката.

Од МВР посочуваат дека за разбојништво извршено врз жена на дрзок начин е уапсен 39-годишен скопјанец. Во однос на кражбите, се обидуваат да ги расчистат и да ги фатат сторителите.

„Согласно статистичките податоци, периодот од 01.01.2023 до 14.02.2023 година на подрачјето на ЕВР Карпош пријавени се 2 (две) тешки кражби во куќи и 4 (четири) тешки кражби во станови за кои се преземаат мерки и активности за нивно расчистување. Во однос на делот од прашањето за наводни напади на 11 жени на подрачјето на ЕВР Карпош пријавени се 2 (две) тешки кражби на дрзок начин и 1 (едно) кривично дело Обид за разбојништво. Кривичните дела се расчистени и против лицето Д.М. (39) од Скопје е поднесена кривична пријава до Основното Јавно Обвинителство“, посочуваат од МВР.

Ова не е првпат преку апели, скопјани да се штитат од разбојници и крадци.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег