Приватните специјализанти на Клиниката за детски болести утрово се обиделе преку бојкот на работата да изразат револт поради неисплатена плата од декември навака и неисплатени дежурства од август 2022 година навака. Се жалат дека управата на Клиниката ги спречила во обидот револтот да го изразат преку бојкот на работата.
„Од Клиниката ни посочија дека ’кога тие биле специјализанти работеле за без пари, дека ќе ја завршеле работата и без нас, дека е неприфатливо нашето однесување’ и воедно ни се закануваат дека доколку не се појавиме на работа утре (16.02.2023 година) ќе бидат прекинати нашите специјализации и дека ќе биде објавен нов конкурс за специјализанти. Ние сме во постојан конфликт и недоразбирање со вработените во административната служба при УК за Детски болести секогаш кога треба да се исплатат финански средства за нас специјализантите, по кој било основ, чија што игнорантност кон нас е еднаква на терор“, се пожалија приватните специјализанти.
Денес претставници на приватните специјализанти имале средба со професорката одговорна за нив која им го пренела ставот на Клиниката и катедрата за педијатрија, а за утре побарале средба со шефот на катедрата и со директорката на Клиниката.
Приватните специјализанти добија поддршка од Здружението на лекари специјализанти и од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.
„Бараме веднаш да се престане со заканите и несоодветните коментари кои ги добиле колегите на сметка на тоа што најоправдано си ги бараат своите права. Застануваме во целост зад нашите колеги и ги поддржуваме во сите нивни барања, а воедно ги прашуваме цените професори, доктори и одговорни лица дали е ова начинот за да ги поттикнеме помладите колегите да се запишат на една од најдефицитарните специјалности во Македонија и да останат да ја градат иднината тука?“, стои во реакцијата на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.
Приватните специјализанти за денешниот проблем испратиле допис до Здружението на лекари специјализанти, а дописот вечерва на социјалните мрежи го објави и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.