Адвокатот Драган Пешевски смета дека пратениците кои користат станови во Скопје на сметка на Собранието, а истовремено од законодавниот дом наплаќаат патни трошоци – прават злоупотреба која се казнува со Кривичниот законик. Тој смета дека пратениците треба да ги вратат веќе земените пари. Нема да поднесе кривична пријава, но стои на тоа дека народните избраници се зрели за кривично гонење.
„Пратениците прават апсолутна злоупотреба на службата со трошење на средствата за патни трошкови. Видов дека луѓето на ‘Фејсбук’ реагираат дека одредени пратеници кои поседувале станови во Скопје, во исто време земаат и секојдневно патни трошоци за доаѓање од местата каде што живеат, а во меѓувреме направиле 10.000 евра за нив“, вели Пешевски кој го повикува Обвинителството да делува по допрен глас.
Според него постапувањето на пратениците кои земаат пари за патни трошоци и користат стан во Скопје на државна сметка прават кривично дело несовесно работење во службата.
„Во дел од законот има еден дел, а тоа е несовесно постапување во вршење на своите овластувања. Ова е очигледно еклатантен пример за ова кривично дело. Пратениците кои така постапуваат и треба така да одговараат, не можат туку така да трошат пари од народен буџет. Излегува, роди ме мајко пратеник и фрли ме некаде, ќе се снајдам“, додава адвокатот.
Како што веќе е објавено, 18 од 73-ца пратеници кои лани од Собранието наплатиле за патни трошоци имаат и станови во Скопје.