Повеќе од 5.000 бремени Русинки влегле во Аргентина во последните месеци, од кои 33 со само еден лет во четвртокот, соопштија официјални лица.
Жените кои неодамна пристигнале биле во последните недели од бременоста, според националната агенција за миграција.
Се верува дека жените сакаат да се породат во Аргентина за да им дадат аргентинско државјанство на бебињата.
Од неодамна е зголемен бројот на пристигнувања, а локалните медиуми претпоставуваат дека тоа е последица на војната во Украина.
Од 33-те жени кои пристигнаа во аргентинската престолнина со летот во четвртокот, три беа приведени поради „проблеми со документацијата“, придружувајќи им се на три други кои пристигнаа претходниот ден, изјави шефицата на агенцијата за миграција, Флоренсија Карињано, за весникот „La Nacion“.
„Сите тие сега се на слобода“, додаде таа.
Токму пристигнувањето на авионот полн со трудници Русинки ги принуди аргентинските власти да реагираат, пренесува медиумот.
Русинките првично тврдеа дека ја посетуваат Аргентина како туристи, рече Карињано.
„Откриено е дека не дошле од туристички причини. Тие самите го признаа тоа“.
Таа рече дека Русинките сакаат нивните деца да имаат аргентинско државјанство бидејќи тоа ќе им овозможи повеќе слобода отколку руски пасош.
„Проблемот е што тие доаѓаат во Аргентина, ги регистрираат своите деца како аргентински државјани и заминуваат.
„Нашиот пасош е многу безбеден ширум светот и овозможува влез во 171 земја без виза“, рече Карињано.
Аргентина им дава државјанство на децата родени во земјата и врз основа на тоа нивните родители можат да добијат дозвола за постојан престој, а потоа и аргентински пасош.
Меѓу другото, овозможува безвизен влез во земјите од Европската Унија.
Во моментов, Русите можат да патуваат без виза во само 87 земји, пишува медиумот.