Клуч, како симбол на отворените врати на Општина Кисела Вода, денес добија од градоначлникот Ѓорѓиевски македонските ракометни судии, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои своевремено беа прогласени и за најдобра судиска двојка во светот, во изборот на Светската ракометна федерација (ИХФ).
Со градоначалникот, на кој му подарија дрес со нивните имиња, продискутираа за бројните големи натпреварувања на кои ја делеа правдата и на кои ја претставија Македонија во најдобро светло.
Имено, тие неодамна се вратија од Светското ракометно првенство каде го судеа финалето, пред тоа го судеа финалето на Африканското првенство, во 2021 финалето на Олимпијадата, а завршницата на Европското Првенство ја судеа пред две години, како еден континуитет на големите натпреварувања.
-Голема е честа и задоволството што денес сум во друштво на овие две големи имиња од македонскиот, но и светскиот ракомет. Оваа судиска двојка зад себе има голем број на интернационални признанија и се надевам дека успешно ќе го продолжат континуитетот на големите натпреварувања. Од мое лично и од име на жителите на општина Кисела Вода сакам да им честитам и да им се заблагодарам што достојно го веат македонското знаме секаде каде што судат. Статуетката во форма на клуч која денес им ја доделив има симболично значење. Неа им ја доделуваме на нашите почесни граѓани, а тој епитет Николов и Начевски одамна го заслужија. Славе Николов е се уште жител, а Ѓорѓи Начевски е пораснат во општина Кисела Вода и секогаш со гордост го истакнува тој факт. Клучот ја симболизира и поддршката од наша страна, на која овие ракометни судии можат секогаш да сметаат – истакна градоначалниот Орце Ѓорѓиевски.