Маж ја држи за рака својата ќерка, која е затрупана во урнатините. Во првите моменти нема повеќе информации, а оваа фотографија во рекордно време го обиколи светот и станува симбол на страдањата во Турција и Сирија.
Станува збор за Месут Ханчер, неговата ќерка имала 15 години и се викала Имрак и живееле сосема мирен живот.
Од најлошата можна причина, ликот на Месут ја обиколи планетата.
Турските медиуми ја пренесуваат тажната приказна зад фотографијата. Месут е спасител, кој помагал во расчистувањето на урнатините и спасувањето на луѓе во турскиот град Кахраманмараш, кој се наоѓа во центарот на разорните земјотреси што во понеделникот ја погодија оваа земја и соседна Сирија. За жал, не успеал да ја спаси ќерка си.
Истрчал кон зградата каде што се наоѓала, а она што следеше беше сцената која го расплака светот. Месут седи на урнатините и ја држи раката на неговата почината ќерка. Во моментите на најголемата тага тој не се одвојувал од телото на петнаесетгодишното девојче.
Месут на глас рекол: „Господ да те помилува, немам живот без тебе. Нема ништо во мене, тоа го нема без тебе“.
Ја пуштил раката дури кога спасувачите морале да ја однесат бидејќи го извлекле нејзиното безживотно тело од урнатините. Дотогаш не се одвојувал.
Кахраманмараш е град кој се наоѓа на југот на Турција. По Газиантеп и Елбистан е еден од најуништените од земјотреси.
Речиси целиот град е срамнет со земја, а спасувачите немаат доволно време да ги извлечат сите од урнатините. Спасувачите се’ повеќе тука наоѓаат страшни сцени – од урнатините вадат безживотни тела.
Дополнително, мнозинството граѓани чувствуваат дека се оставени сами да се снаоѓаат. Според нив, им требало премногу време за да пристигнат спасувачите, а во меѓувреме изгубиле многу животи.
Ова подрачје го посети и претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој во еден момент призна дека реакцијата на земјата на земјотресите на почетокот била слаба.
Сега, посочува, се’ е како што треба и ниту еден граѓанин нема да биде оставен сам.
Според последните информации, во серијата разорни земјотреси загинале околу 11.500 луѓе. Бидејќи десетици илјади од нив се уште се’ под урнатините, се очекува бројот на загинати во наредните денови двојно да се зголеми.
Поради тешките временски услови, студот и недостигот на работна сила, спасувачите не можат навреме да стигнат до сите. Затоа, во моментов се води најтешката трка во светот – трката со времето.