Процесот на евроинтеграција носи конкретни придобивки за државата и за граѓаните, унапредување на инфраструктурата, развој на економијата и раст на стандардот. 53 милиони за Македонија одобри Европската комисија преку повикот за инвестициски грантови за три нови проекти, истакна на денешната прес-конференција Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
Средствата, додаде тој, се наменети за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и опфаќаат реновирање на шест хидроцентрали, изградба на ветерен парк во Богданци и изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, југозападниот и југоисточниот регион.
„Претходно, во јули минатата година беа одобрени првите четири инвестициски проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, во вредност од 225 милиони евра, за дел од железницата Македонија-Бугарија, набавка на опрема за фотоволтаичните станици Осломеј 1 и Осломеј 2, за фотоволтаична централа Битола, како и за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје.
Ова е директна и конкретна помош а нашата држава да ги изведе реформите, но и побрзо и полесно да ги достигне европските стандарди преку подобрување на животната средина и унапредување на инфраструктурата“, посочи тој.
Средствата од европските фондови, според него, обезбедуваат унапредување на енергетската независност и заштита на животната средина што понатаму сериозно влијае врз подобрување на квалитетот на живот за македонските граѓани.
Оценува дека со напредокот во евроинтегративниот процес, ќе се отвораат и нови фондови, поддршката за државата ќе биде уште повеќе изразена и затоа е важно, додаде тој, секој од нас да покаже одговорност, да даде свој придонес кон носењето на потребните реформи.