„Владата предводена од СДСМ преку навремени и одговорни економски политики успеа да се справи со последиците од глобалната економска и енергетска криза. Во најкризната година во Европа платите продолжија да растат, продолжи и зголемувањето на нови странски инвестиции и нови работни места“, рече на денешната прес-конференција Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
Таа напомена „2022 година ја завршивме со 2.300 нови работни места и над 430 милиони евра нови инвестиции во ТИР-зоните, каде што добиваат плати, кои, генерално, се повисоки од државниот просек. Речиси 16.300 наши сограѓани работат во компаниите во индустриските зони во целата држава. Извозот од ТИР-зоните во 2022 година достигна 3,7 милијарди евра, што, меѓу другото, се должи и на новоотворените работни места“.
„Според првичните анализи, на секој 1 денар вложен од државата компаниите вратиле 4 денари назад во буџетот, што значи дека за разлика од претходно, сега имаме инвестиции што носат поголема додадена вредност и за државата и за граѓаните. Со одговорен пристап овој тренд треба да продолжи и во оваа 2023 година за што показател е новата инвестиција од 400 милиони евра на компанијата ‘Магна мехатроникс’, која почна со подготовки за изградба на нова фабрика. Оваа, но и другите странски инвестиции предвидени за периодот, позитивно ќе влијаат врз раст на просечната плата, која првпат во историјата изнесува над 33.000 денари“, рече Николова.