Објавена е првата рецензија за најновиот роман на Венко Андоновски, „Папокот на светлината“, кој за помалку од еден месец по промоцијата на првото, веќе доживеа второ издание. Критичкиот одглас за романот на Андоновски е на универзитетската професорка и книжевна критичарка, водечки познавач на современата македонска книжевност, Весна Мојсова-Чепишевска.
„За да не нѐ доживува останатиот свет како книжевност која постојано преџвакува една иста локална приказна, мора да се изнајде пат на кој ќе останеме свои на своето и во чии рамки ќе говориме за една универзална тема со цел да нѐ разберат и другите/останатите. Впрочем тоа е природна потреба на секоја книжевност која не сака да умре. Овој најнов роман на Андоновски држи до таа девиза да се остане свој на своето преку универзалната тема за бесмртноста, верноста, суетата, гревот, зависта… И зашто тој не е ’веќе писател што сака да им се допадне на другите’, и зашто тој е ’лепослов што е служител само на Убавината, а каде е Убавината, таму е Вистината, Он.“
Осврнувајќи се на „Папокот на светлината“, таа, како одличен познавач на опусот на Венко Андоновски, го коментира и претходното негово прозно творештво, од збирката раскази „Фрески и гротески“ објавена пред триесет години, преку „Папокот на светот“ објавен пред две децении до денес. Притоа и напоменува дека токму таму каде што заврши неговиот романот „Азбуката за непослушните“ започна „Папокот на светот“, објавен пред дваесет години.
Таа во рецензијата и го отвора прашањето дали со зборови припишани на еден од ликовите, во овој најнов негов роман, Андоновски не развива и еден носталгичен однос кон старата добра форма на книга. Дали по малку не го покажува и својот страв од целосното исчезнување на книгата? И додека некој го фасцинира идејата „дека во едно чипче со големина сантиметар на сантиметар може да се „зипува“ сето знаење на светот“, него отсекогаш го фасцинирало „како во една книга, со димензии 15 x 21 сантиметри, може да се настани и сохрани цела една душа“, нагласува истакнатата книжевна критичарка.
Во рецензијата, истакнатата книжевна критичарка напоменува дека и во овој роман доминира бројот три како и во првиот, при што се осврнува на трите приказни во „Папокот на светлината“. Првата е монолошки организирана и се чита како исповед на еден писател – има функција на монодрама. Втората е развиена низ две гледни точки на два женски лика, и според Мојсова-Чепишевска како структура го го има ехото на „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Во неа, според критичарката, како целосно да е имплемтирана тезата од прочуената книга на Мартин Бубер „Јас и ти“: „Јас настанувам во допирот со Ти, настанувајќи јас, јас говорам Ти. Целиот вистински живот е средба.“ Дијалогот што е основата на втората приказна, како што истакнува Мојсова-Чепишевска станува услов за да се развие и третата, која е најобемна и го носи насловот и на целиот роман.
Во рецензијата, Мојсова-Чепишевска пристапува кон микрочитање на романот, во кое едновремено се присутни и книжевната теорија, и културологијата, но и историјата на светската книжевност, преку бројни компаративни исчитувања на најновиот роман на Андоновски.
Инаку, со беседа на Весна Мојсова-Чепишевска за дотогашното творештво на Венко Андоновски, во декември минатата година започна и големата промоција на романот „Папокот на светлината“. Нејзината рецензија е прв одглас на македонската книжевна критика за ова прозно остварување на Андоновски.