Реалните плати во еврозоната се значително пониски отколку во периодот пред пандемијата и веројатно ќе се намалат уште повеќе во наредните месеци, поради брзиот раст на цените, предупреди денеска Европската централна банка (ЕЦБ).
Пандемијата предизвика големи пореметувања на пазарот на труд поради строгите мерки за ограничување на вирусот и побарувачката за работна сила, особено во секторите во близок контакт со клиентите.
Силното економско закрепнување по олеснувањето на мерките и недостигот на работна сила поттикнаа силен раст на платите, во споредба со историските трендови, особено во секторите за нега, транспорт и угостителство, нагласи ЕЦБ.
Во 2020 година, реалните и номиналните плати растеа со речиси идентично темпо, што наеднаш се промени во првиот квартал од 2021 година, кога цените почнаа да растат со забрзано темпо, потсетуваат тие.
„Во 2021 година, инфлацијата забрза поради растот на цените на енергијата и проблемите во набавката на стоки и услуги во контекст на отворањето на економијата по укинувањето на пандемиските ограничувања, а резултатот беше постојано продлабочување на јазот меѓу реалните и номиналните плати.
Номиналните плати пораснаа помалку од потрошувачките цени, така што куповната моќ на граѓаните се намали и во вториот квартал од минатата година беше за околу 3,6 отсто пониска отколку во четвртиот квартал од 2019 година, непосредно пред почетокот на пандемијата на ковид 19“, соопшти ЕЦБ во Економскиот билтен.
Реалните плати сега се значително пониски отколку што беа пред пандемијата и најверојатно дополнително ќе се намалат во наредните месеци“, заклучува ЕЦБ во написот.