Високи претставници на турската компанија АКСА денеска беа во посета на АД ЕСМ, при што двете енергетски компании се запознаа со делокругот на работа и со дејностите што се изведуваат во рамките на секоја фирма.
АКСА е најголемиот самостоен производител на електрична енергија во Турција преку електрани на разни погони: јаглен, природен гас, мазут и хидроелектрани. На денешниот состанок изразија интерес за инвестирање во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија.
Од страна на раководството на АД ЕСМ претставниците на АКСА беа запознаени со тековните инвестиции, односно изградбата на електрани од обновливи извори, а пред сè, фотоволтаични и ветерни електрани, како и плановите за нови капацитети од обновливи извори, кои ќе бидат лоцирани на исцрпените наоѓалишта на јаглен во РЕК „Битола“ по примерот на веќе реализираните проекти во РЕК „Осломеј“, како и на други места во рамките на постојните производни капацитети на АД ЕСМ.