Премиерот Димитар Ковачевски, денеска заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, го презентираа предлог Буџетот на Министерството за култура за 2023 година.
Ковачевски посочи дека со предлог Буџетот се обезбедува континуитет на реализацијата на програмите и на проектите во културните установи, на платите на вработените во културата, на заштитата на културно-историското наследство.
„Обезбедивме континуитет на реализацијата на програмите и на проектите во културните установи, на платите на вработените во културата, на заштитата на културно-историското наследство и со тоа вкупниот предлог Буџет на Министерството за култура за 2023 година изнесува 61,6 милиони евра“ порача премиерот.
Тој напомена дека „во текот на наредната година, ќе се реконструираат сите споменици и спомен обележја од Народно-ослободителната борба, на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата држава и на настани коишто се случиле во НОБ и се сведоштво за непокорот и борбата за слобода“.
„Со предлог Буџетот е превидена финансиска поддршка за вклучување на младите во културата, бидејќи секоја култура се развива преку духот на времето во кое што се твори. 50 илјади евра се наменети за поддршка на младите во културата. Тие се иднината на нашата држава, авангардата, со тоа и иднината на една национална култура и заслужуваат да бидат мотивирани“ рече Ковачевски.