Oбвинителството од Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 29-годишниот велешанец кој со автомобилот усмрти 11-годишно девојче.
Велешанецот, како што информираат од Обвинителството, се сомничи за две кривични дела: тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Осомничениот денес беше приведен, а надлежниот јавен обвинител вечерва до Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор со цел да се обезбеди неговото присуство и непреченото одвивање на кривичната постапка.
„Како учесник во сообраќајот, осомничениот на 17 декември под дејство на алкохол управувал автомобил „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки. На улицата „Борис Трајковски“ во Велес, приоѓајќи на обележан пешачки премин, тој не го управувал возилото со соодветна брзина која дозволува да запре во случај на потреба и не обрнал внимание на пешаците – мајка и ќерка кои во тој момент поминувале на пешачкиот премин. Со автомобилот тој удрил во мајката која паднала на земја и се здобила со телесна повреда – отворена рана на челото и во 11-годишното девојче кое од ударот било исфрлено десетина метри напред кон следниот пешачки премин, паднало и се здобило со тешки телесни повреди од кои починало на лице место. По несреќата, осомничениот не застанал да им укаже помош, туку продолжил со несмалена брзина да се движи кон населбата Превалец“, информираа од Обвинителството.