Русија одговори на мировниот предлог на украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека Украина мора да ги земе предвид „новите реални околности“.
„Украина мора да земе предвид дека Москва додаде нови територии на Руската Федерација. Украинската страна мора да ги земе предвид новите реални околности што се случија неодамна – дека Руската Федерација има четири нови припоени територии. Без да се земе предвид оваа нова реалност, не е можен напредок“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Зеленски во вчерашната видео изјава апелираше до групата Г7 за „продолжување на солидарноста“ и дополнителна поддршка за Украина следната година, наведувајќи три чекори за постигнување мир. Последниот чекор вклучува Русија да почне да ги повлекува војниците од Украина овој Божик.
„Ако Русија изврши повлекување на своите сили од Украина, тоа ќе обезбеди сигурен крај на непријателствата. Не гледам причина Русија да не го стори тоа сега, на време за Божик“, рече Зеленски.