Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста според член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 10 декември, извршувајќи работни задачи по претходно изготвен план „Безбеден град“ за подрачјето на Град Скопје, полициски службеник забележал автомобил кој се движел со поголема брзина кон ноќен клуб. Го запрел возилото и се обидел да го легитимира возачот и неговиот сопатник.
Притоа, совозачот во автомобилот најпрвин вербално реагирал на наредбата за легитимирање, а потоа започнал да му се заканува и да го навредува полицискиот службеник. Кога полицаецот го предупредил осомничениот да ги почитува наредбите, тој нагло се свртел кон него и со двете раце во пределот на градите се обидел да го завлече.
Во тој момент реагирале уште неколкумина полицајци кои се обиделе да го оттргнат осомничениот и да му стават лисици на рацете, но тој продолжил да дава активен отпор. При туркањето, еден полициски службеник се здобил со телесна повреда – расцепна рана на вратот.
Бидејќи постои опасност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходната постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.