Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на отворање на годишната конференција на Министерството за локална самоуправа и УНДП, за децентрализација и локално управување, која годинава е на тема „Локална самоуправа – време за можности и ревизија“.
„Децентрализацијата овозможува зајакнување на локалните заедници, нивен развој и демократизација, токму поради тоа сме посветени на овој процес како еден од важните реформски процеси кои се потребни за забрзан развој, но и рамномерен и праведен развој кој ќе одговара на потребите на граѓаните. Наредната 2023 година, планираме целосно да го оцениме системот на локалната самоуправа и во контекст на европските интеграции, резултатите од спроведувањето на процесот на децентрализација ќе продолжат да бидат оценувани како политички критериум за членство“, нагласи Битиќи.
Потенцира дека наредниот период е исклучително значаен за спроведување на пообемни подготовки за интегрирање на нашите општини во административниот простор на ЕУ.
„Сметаме дека фокусот на децентрализацијата на краток рок треба да биде ставен на зајакнување на општините преку подобрување на рамката за финансирање и зголемување на нивните надлежности, овозможувајќи висок степен на автономија, без притоа тој никако да не биде на штета на граѓаните.
Нагласи дека е задржан трендот на зголемување на вкупните приходи на општините. Од 30.1 милијарда денари во 2015 година, вкупните приходи на општините се зголемени на близу 40 милијарди денари во 2021 година. Сопствените приходи се зголемени од 12.3 милијарди денари во 2015 година на близу 17 милијарди денари во 2021 година.
„Покрај зголемувањето на фискалните трансфери кон општините, Владата е посветена и на изнаоѓање на дополнителни средства за капитални инвестиции. Како неодамнешното потпишување на договорот со Европската инвестициска банка, за заем од 50 милиони евра наменети за водоводна инфраструктура и третман на отпадни води во општините. На овој начин ќе се обезбеди инфраструктура која е значајна за подобрување на животот на граѓаните на сите општини во државата“, дополни тој.