Денеска стапи на сила ограничувањето на цената на руската нафта од 60 долари за барел договорено од ЕУ, Г7 и Австралија, како и ембаргото за увоз на руска нафта во ЕУ, со неколку исклучоци.
Одлуката за ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел овозможува таа да се продава на трети земји користејќи танкери од земјите на Г7 и ЕУ, нивните осигурителни компании и кредитни институции, но само доколку нафтата се продава по цена под 60 долари.
Со оглед на тоа што клучните светски компании за превоз и осигурување се лоцирани во земјите од Г7, ограничувањето на цената може да и отежне на Москва да продава нафта за повисока цена, оценува „Ројтерс“.
Но, Москва предупреди дека нема да ја почитува одлуката, дури и ако треба да го намали производството.
Александар Новак, потпретседателот на руската влада задолжен за енергетика, рече дека „работат на механизми за забрана на употребата на инструментот за ограничување на цените, без оглед на нивото на кое е поставен, бидејќи таквото мешање може дополнително да го дестабилизира пазарот“.
Од друга страна, Украина побара цена од 30 долари за барел, но Западот стравува дека прениската цена може да доведе до тоа Русија да ја повлече суровата нафта од пазарот, што би довело до голем скок на цените.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во саботата дека ограничувањето на цената на руската нафта на 60 долари не е сериозно и тешко дека ќе ја одврати Русија од војната во Украина. Зеленски се пожали дека светот покажал слабост поставувајќи ја границата на 60 долари, што според него ќе го зголеми буџетот на Русија за 100 милијарди долари годишно.
„ Овие пари ќе одат за дестабилизација на токму оние земји кои во моментов се обидуваат да избегнат сериозни одлуки“, рече тој.
Ограничувањето ќе го разгледуваат ЕУ и Г7 на секои два месеци.
Ембаргото на ЕУ за увоз на руска нафта беше договорено во јуни како дел од пакетот санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Исклучоците се однесуваат на Унгарија, Словачка и Чешка, три земји-членки на ЕУ кои се особено зависни од руската нафта поради нивната географска локација и неможноста да го заменат тој увоз за кратко време.
За два месеца, на 5 февруари, стапува на сила ембаргото за нафтените деривати.