НАТО ќе ја зголеми помошта за Украина, не само со воена опрема, туку и за обновување на критичната инфраструктура и зголемена заштита од ракетни напади, истакнаа министрите за надворешни работи на алијансата во изјавите од конференцијата во Букурешт.
„Собрани сме во Букурешт, во близина на брегот на Црното Море, во време кога руската инвазија на Украина го загрозува евроатлантскиот мир, безбедност и просперитет. Русија сноси целосна одговорност за оваа војна, флагрантно кршење на меѓународното право и начелата на Повелбата на ОН. Руската агресија, вклучително и нејзините упорни и непромислени напади врз цивилната и енергетската инфраструктура на Украина, лишува милиони Украинци од основните човечки потреби“, се вели во заедничката изјава објавена до медиумите.
Се нагласува дека тоа се одразило на глобалните резерви на храна и им се заканило на најранливите земји и народи во светот.
Министрите на НАТО нагласуваат дека неприфатливите активности на Русија, вклучително и хибридни активности, енергетска уцена и непромислена нуклеарна реторика, го поткопуваат меѓународниот поредок заснован на правила.
„Ја осудуваме суровоста на Русија врз цивилното население во Украина и кршењето и злоупотребата на човековите права, како што се принудните депортации, тортурата и варварскиот третман на жените, децата и лицата во ранливи ситуации. Сите одговорни за воени злосторства, вклучително и сексуално насилство во конфликт, мора да понесат одговорност“, се вели во соопштението.
Тие, исто така, ги осудија оние, вклучително и Белорусија, кои активно ја помагаат руската војна против Украина.
Министрите изразија солидарност со украинската влада и народот на Украина во, како што велат, херојската одбрана на својата нација и земја и им оддадоа почит на сите жртви.
„Остануваме цврсти во нашата посветеност на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Никогаш нема да ги признаеме илегалните анекси на Русија, кои ја прекршуваат Повелбата на ОН. Ќе продолжиме да ја зајакнуваме политичката и практичната поддршка за Украина додека таа продолжува да го брани својот суверенитет и територијалниот интегритет“, се додава во соопштението.
Во овој контекст, НАТО ќе продолжи да соработува тесно со релевантните актери, вклучително и меѓународните организации, особено ЕУ, како и со истомислениците.
„Надоградувајќи ја досегашната поддршка, ќе и помогнеме на Украина да ја зајакне својата отпорност, да го заштити својот народ и да се спротивстави на руските кампањи за дезинформации и лаги. Сојузниците ќе и помогнат на Украина додека ја поправа својата енергетска инфраструктура и го штити својот народ од ракетни напади. Ние, исто така, остануваме посветени на долготрајна поддршка на нејзиниот пат на повоена реконструкција и реформи, за да може Украина да ја обезбеди својата слободна и демократска иднина, да го модернизира одбранбениот сектор, да ја зајакне долгорочната интероперабилност и да ја одврати идната агресија“, рекоа министрите.
Тие истакнаа дека ќе продолжат да го зајакнуваат нивното партнерство со Украина додека таа ги унапредува своите евроатлантски аспирации.
Министрите посочија дека Финска и Шведска учествуваат на конференцијата како земји кои се поканети да се приклучат на алијансата.
„Нивниот пристап ќе ги направи побезбедни, а НАТО посилен. Нивната безбедност е од директно значење за алијансата, вклучително и за време на процесот на пристапување“, нагласија тие.
Укажаа дека регионите на Западен Балкан и Црното Море се од стратешко значење за алијансата и ја поздравија средбата со министрите за надворешни работи на партнерите во НАТО Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија.
Најавија дека НАТО ќе ја зголеми својата поддршка за тие земји во градењето на нивниот интегритет и издржливост, развивање на капацитетите и одржување на нивната политичка независност.
„Цврсто стоиме зад нашата посветеност на политиката на отворени врати на алијансата. Ги потврдуваме одлуките што ги донесовме на Самитот во Букурешт во 2008 година и сите последователни одлуки во врска со Грузија и Украина“, се вели во заедничката изјава.
Министрите истакнаа дека НАТО е одбранбен сојуз и ќе продолжи да го штити своето население и во секое време да ја брани секоја педа од сојузничката територија.
„Го осудуваме тероризмот во сите негови форми и манифестации и се солидаризираме со Турција во жалост за изгубените животи по недамнешните ужасни терористички напади“, рекоа министрите.