Еден од најомилените модерни божиќни класици следната година ќе наполни 20 години, а за да го одбележи овој повод, актерскиот тим на романтичната комедија „Всушност, љубов“ или Love Actually ќе се собере за специјална емисија што ќе се емитува на „Еј-би-си“ следната недела, објави мрежата.
Хју Грант, Лора Лини, Ема Томпсон, Бил Наји и Томас Броди-Сангстер учествуваат во т.н ТВ-спешл, заедно со сценаристот и режисер на филмот Ричард Картис.
Во промотивниот клип – кој емисијата „20/20“ го сподели на Твитер – Дајан Соер бара од актерите да ја дополнат реченицата „Љубовта всушност е…“, на што Грант ладнокрвно одговара: „Мртва!“
Како што пренесува „Еј-би-си“, специјалната емисија ќе се фокусира на многуте ликови во филмот кој испитува различни љубовни приказни за време на франатичниот месец до Божиќ во Лондон, кој стана омилена празнична традиција во целиот свет.
Програмата, која доаѓа малку рано, имајќи предвид дека филмот беше објавен на 6 ноември 2003 година, исто така, ќе погледне како пандемијата го промени начинот на кој луѓето комуницираат, сакаат и се поврзуваат, како и многу важната потреба за добрина во семејствата и заедниците.
„Смеата и тајните на Love Actually: 20 години потоа – спешл со Дајан Соер“ ќе се емитува на 29 ноември.