Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска направи увид на градежните работи на тунелот Кичево – Охрид заедно со првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот Беким Реџепи и директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми.
„Знам колку е важно за Кичево, Дебарца, Струга, Охрид, Вевчани, за околните населени места кои гравитираат во овој регион, но и за целата земја, што побрзо да се заврши автопатот Кичево – Охрид. Знам колку овој автопат е важен за нов економски и развоен импулс не само на западниот дел на Македонија туку и на целата држава и колку тој значи и за Кичево и за туристичките центри Охрид и Струга. Ние како Влада ги решаваме наследените проблеми, патната инфраструктура за оваа Влада не е предизборно ветување, туку напротив тоа е инфраструктура која што ја поврзува државата внатре меѓутоа ја поврзува државата и со другите европски држави со кои што граничиме. Со тоа овозможуваме подобри услови за постојните инвестиции, привлекување на нови странски инвестиции, зголемување на економскиот развој, развој на туризмот особено во овој наш туристички дел од државата. А сето тоа еден од предусловите е безбеден и сигурни патишта за граѓаните и за сите други кои поминуваат низ нив”, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека е свесен дека работниците кои го градат овој автопат се соочија со многу предизвици во изминативе години, поради огромни пропусти во самиот проект. Беа потребни години за да се пробијат тунелите под превојот Пресека. Работниците се соочија со многу проблеми во утробата на планината што дополнително ја одолговлечи работата на терен, па плановите за работа мораше да се адаптираат според условите кои што ги налагаа самите услови на терен.
“Изминативе пет години, Владата предводена од СДСМ и сите коалициони партнери изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, значи двојно повеќе од претходниот десет годишен период, кога биле направени само околу 650 километри. Се гради автопатот Скопје – Блаце во прва фаза, течат активности за изградба на автопатот Гостивар – Кичево, на автопатот Тетово – Гостивар, на автопатот Требениште – Струга – Ќафасан, на автопатот Прилеп – Битола. Последниве кои ги кажав се во фаза на избор на консултант кој треба да ги доврши сите договорни обврски со изведувачот и таму да се започне со конкретни работи на терен. Досега ги изградивме експресните патишта Штип – Радовиш, завршена е првата фаза од патот Штип – Крупиште. Во овој момент активно тече изградбата на експресните патишта Градско – Дреново, Дреново – Фариш, Крупиште – Кочани, Ранковце – Крива Паланка”, изјави Ковачевски.
Премиерот наведе дека оваа Влада е посветена и прави сѐ за европската иднина на земјата, за економски развој на Северна Македонија, подобра сообраќајна поврзаност и пред сè подобар квалитет на живот за сите граѓани без разлика во кој дел од земјата живеат.