Утрински Весник
Македонија

Министерство за здравство: Не треба да се редуцираат надоместоците за дежурства и ноќен труд во здравството

Министерство за здравство: Не треба да се редуцираат надоместоците за дежурства и ноќен труд во здравството

Министерството за здравство сите напори континуирано ги насочува кон афирмација и унапредување на статусот и улогата на здравствените работници во општеството, се истакнува во соопштението од оваа институција.

dobivaj vesti na viber

„Изминатите три години здравствените работници и здравствените соработници, посветено и со натчовечки напори работеа на браникот на ковид пандемијата, пружајќи помош и борејќи се за здравјето и животот на секој пациент. Министерот за здравство, Беким Сали, имајќи ја предвид незаменливата улога на здравствените работници, јасно и недвосмислено го истакнува ставот дека тие ја заслужуваат целата наша почит и во ниеден случај не треба да бидат редуцирани финансиски средства од нивните додатоци, како што се надоместоците за дежурства и ноќен труд“, е потенцирано во напишаното од страна на Министерството за здравство.

„Воедно, го пренесуваме и ставот, како на Министерството за здравство, така и на Владата на РСМ дека не се планира воведување проекти за плаќања по учинок, особено поради фактот што овој тип на проекти во минатото се покажаа како целосно неуспешна реформа“, е наведено од Министерството за здравство.

Министерот и заменик министерот за здравство, заедно со претставници на двата синдиката за здравство, како и претставници од Лекарската комора на Македонија и Здруженијата за медицински сестри, овие ставови, како што додаваат од оваа институција, ќе ги претстават и пред Фондот за здравствено осигурување и Министерството за финансии, со цел да се приоретизира ова прашање, односно да се изнајдат средства за покачување на платите, со особен осврт на медицинските сестри и другите здравствени работници и соработници со средно образование.

Можете да прочитате

Разбиена радикална ќелија, најдено оружје, уапсени три лица

Уапсен скопјанец, од касата каде што работел си зел 50.000 евра

Ристовска вршела тортура врз вработените во ДКСК, тврдат од Левица