Директорот на британската разузнавачка агенција „МИ5“, Кен МекКалум, вчера изјави дека европските земји годинава протерале стотици руски функционери за кои веруваат дека се шпиони, пренесува Анадолија.
„Оваа година, усогласената кампања доведе до протерување на голем број руски функционери ширум светот, вклучително и повеќе од 600 од Европа. Сметаме дека повеќе од 400 од нив се шпиони“, рече МекКалум, говорејќи во седиштето на „МИ5“.
Тој рече дека ова е „најзначајниот стратешки удар“ за руските разузнавачки служби во поновата европска историја, покрај координираните бранови на санкции.
„Продолживме да работиме интензивно за да го направиме Обединетото кралство најтешката можна оперативна средина за руските тајни операции“, рече МекКалум.
Тој, исто така, потврди дека Британија одбила 100 руски барања за дипломатски визи поради национална безбедност.
„Велика Британија мора да биде подготвена за руска агресија во годините што доаѓаат“, изјави високиот британски разузнавач.