Премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со генералниот директор Мохамед Хасан Ал Суваиди на „Развојниот холдинг на Абу Даби -ADQ“ како и останати претставници на високото раководството, како дел од посетата на Обединетите Арапски Емирати.
Премиерот Ковачевски, заедно со министрите за финансии Фатмир Бесими, за транспорт и врски Благој Бочварски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ги претставија можностите за финансирање и инвестиции во повеќе сектори.
Целта е да се зацврстат економските врски меѓу двете земји и да се поттикне значителен интерес за инвестиции во целните сектори, вклучително и обновливите извори на енергија, инфраструктура, туризам,земјоделство, здравство. На состанокот стана збор и за воспоставување на директна линија Скопје – Абу Даби во насока на продлабочување на економската соработка.
![]()
Владината делегација ја истакна важноста од инвестиции и во услови на најголемата светска енергетска криза и воени превирања, се со цел да се даде стимул на економијата.
Двете страни констатираа дека постои голем потенцијал за развој на соработката меѓу двете земји и за реализација на инвестиции од Обединетите Арапски Емирати во земјава со особен фокус на земјоделството и преработката на храна.
Премиерот Ковачевски на состанокот истакна дека минатата година се потпиша договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за взаемна заштита на инвестиции, кој е многу значаен за поттикнување на нови инвестиции од ОАЕ. Владината делегација ги презентираше проектите од различни области кои го привлекоа вниманието на раководството на овој фонд.
![]()
На состанокот беше заклучено дека од голема важност е зацврстување на соработката и можноста за инвестирање во различни сектори кои имаат за цел да придонесат за зголемена економска соработка и трговија меѓу двете земји.


