Градоначалничката Данела Арсовска најави протест на протестот што го најавија возачите во ЈСП кои немаат земено плата. Додека вработените во претпријатието ќе протестираат против градската власт, каде што е Арсовска, затоа што немаат добиено средства за нивната работа, Арсовска најави дека автобусите ќе ги стави пред сите институции во Скопје да стојат и да го блокираат сообраќајот сè додека државата не го плати долгот што го има кон ЈСП. Според Арсовска, државата треба да го исплати долгот, пред сè, од човечки аспект. Пред новинарите изјави дека нема начин како присилно да наплати долг.
„Проблемот е во сите оние во оваа држава што не си ги почитуваат обврските. Да, јавниот автобуски превоз ќе биде бесплатен како што беше најавено во програмата ‘За модерно Скопје’, тоа опфаќа целосно бесплатен јавен превоз во првите две години од почнувањето на мандатот, што значи во втората половина на следната година, бесплатен јавен превоз ќе има. Меѓутоа, со опструирање на сите институции во државата, кои 30 години ја изедоа оваа држава, ние не можеме да градиме поквалитетен град, ниту поквалитетна држава. Секој треба да си ја сноси својата одговорност, но и обврска. Тоа значи дека ако некој должи над 2 милиона евра, не треба да прашува како ќе има бесплатен јавен превоз, туку треба да ги плати своите обврски. Тоа се однесува за централната, но и на единиците на локалната власт, кои не си ги намируваат своите обврски. Наша задача е да им го дадеме за граѓаните на град Скопје сето она што сме го ветиле, меѓутоа има многу фактори и сите ќе ја сносат својата одговорност доколку го саботираат процесот“, рече Арсовска.
Долгот на Министерството за образование кон ЈСП се 120 милиони денари, сума што е мала во однос на долговите што ги има претпријатието. За плати се потребни само 60 милиони денари, што би значело дека и да се плати долгот од МОН, ќе има само за две плати. Градоначалничката Арсовска немаше конкретен одговор.
„Во овој момент раководството на ЈСП го има најдобриот начин на менаџмент што можел некогаш да се добие. Вистинските прашања никогаш не се поставуваат, секогаш се сака да се манипулира со јавноста и да се праша како нешто ќе се направи, а не се прашува како дошло до оваа состојба. Ние сме ги гледале и следеле состојбите, меѓутоа во овој буџет и оваа буџетска година тие средства биле планирани и предвидени да се покријат четири плати колку што има до крајот на годината. Треба тие средства фино и убаво да им се каже на институциите и да отидете од тука да се префрлите пред Владата и сите што ги имаат овие долгувања и да ги прашате зошто во своите ребаланси тоа што им е испорачано како услуга, за да се сервираат обврските на ова претпријатие, ги имаат избришано. Тоа значи дека нема намера да ги плаќаат? Кој сакаат да ги плаќа? Дали има граѓанин во државава што, доколку не ги плати обврските, нема да биде даден на извршител и да ги плати?“, праша Арсовска
Арсовска вели дека не може да биде заложник на должниците на ЈСП. Таа смета дека зависи од тие средства што ѝ се должат. Посочи и дека има криза со енергенти во Град Скопје.
„Платите ќе ги исплатиме кога институциите ќе ги исплатат долговите. Ние ќе останеме пред Владата и ќе ги блокираме институциите додека не го исплатат она што го должат“, додаде Арсовска.
Со паркирање на автобусите пред Владата и институциите, кои смета дека ја саботираат неа и нејзините директори во претпријатијата, смета дека ќе изврши притисок ЈСП да добие пари, со кои подоцна ќе ги исплати платите кон вработените. И градоначалничката признава дека на скопските улици изминатиот период не сообраќаат истите линии во предвидените термини за да превезуваат патници.
„Одговорноста треба да се бара кај тој што целиот процес го саботира. Јавниот интерес треба да биде пред сè. Треба да се обезбеди најдобрата услуга за граѓаните“, рече Арсовска.
Според неа, има превработеност во администрацијата на ЈСП. Таа вели дека обврската што треба да ја сработи еден човек во моментот ја работеле тројца лица.
„Никој не се запрашал која е потребата од тие. Зошто се трошеле по 60 милиони на плати“, рече Арсовска.