Утрински Весник
Македонија

Маричиќ од Брисел: Преговорите со ЕУ носат нови можности за бизнисот

Маричиќ од Брисел: Преговорите со ЕУ носат нови можности за бизнисот

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг состанок за Поглавјето 10, „Информатичко општество и медиуми“, рече дека Македонија веќе има преземено чекори за усогласување со постојните политики на ЕУ и дека главна цел на Владата е да обезбеди висококвалитетни јавни услуги за граѓаните и бизнисите.

dobivaj vesti na viber

„Ја препознаваме важноста од трансформирање на општеството и донесување нови можности за бизниси и технологија. Нашите реформи се одржливи, нашиот напредок е препознаен и ни се даваат нови можности преку скрининг процесот, побрзо и полесно да ги постигнеме ЕУ стандардите во ова поглавје. Нашата цел е да обезбедиме одржлива економија и дигитализација на услугите на приватниот и јавниот сектор“, рече вицепремиерот Маричиќ во своето обраќање пред Европската комисија.

Тој во својот говор ги истакна и досегашните достигнувања во оваа област, потенцирајќи дека успеавме да го воведеме бројот за итни случаи ЕУ 112, на кој во моментот се работи за неговата правилна имплементација.

Главниот преговарач со ЕУ најави дека конечните верзии на Националната стратегија за ИКТ и Акционен план 2021-2025 се веќе подготвени, консултирани со јавноста и ќе бидат финализирани во следните месеци, како и дека ќе продолжи спроведувањето на Националниот оперативен план за широкопојасен интернет. Во таа насока Агенцијата за електронски комуникации поддржана од Канцеларијата презема чекори со кои ќе се олеснат условите за воведување на 5G и ќе се стимулира влезот на нови технологии и оператори.

„Препознавајќи ја важноста на сајбер безбедноста, ја подготвуваме и новата Национална стратегија за сајбер безбедност 2023-2027 година, со акцент на градење и подобрување на националните капацитети за сајбер безбедност, безбедност и отпорност на критичната информациска инфраструктура, подигање на свеста и меѓународна соработка“, додаде Маричиќ.

Во рамките на Регионалниот заеднички пазар (Берлински процес), Маричиќ рече дека учествуваме во Извештајот за имплементација на Индексот за дигитална економија и општество (DESI) во регионот на Западен Балкан, во кој Северна Македонија е високо подготвена со податоци за 87% од индикаторите DESI кои се достапни и усогласени со DESI Методологијата.

Маричиќ во однос на законодавната агенда истакна дека го подготвуваме Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, за кој се очекува текстот да биде финализиран во првите месеци од 2023 година.

Кажа и дека планирано е да се усогласи македонското законодавство со директивата на ЕУ за аудио и аудиовизуелни медиуми 2018/1808 и дека веќе постои проект на ЕУ кој ќе им помогне на властите во тој процес.

„Покрај тековните активности за подобрување на законската рамка, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги континуирано ќе придонесува за подобрување на медиумската средина преку организирање кампањи на релевантни теми како што се – медиумска писменост, говор на омраза, одговорност во онлајн просторот, како и како заштита на потрошувачите“, најави Маричиќ.

Дополнително главниот преговарач со ЕУ рече дека ќе следуваат измени на Законот за употреба на податоците од јавниот сектор, со цел усогласување со Директивата на ЕУ за отворени податоци и повторна употреба на информации од јавниот сектор (2019/1024), во насока на зголемување на транспарентноста во институциите од јавниот сектор, подобрување на ефикасноста на работата на јавната администрација и придонес за намалување на корупцијата на сите нивоа.

Денеска во Брисел со отворањето на објаснувачкиот скининг состанок за Поглавјето 10, започна објаснувачкиот скрининг за Кластер 3, „Конкурентност и инклузивен раст“.

Можете да прочитате

Премиерот Мицкоски очекува минимално зголемување на цената на струјата

Укината забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Маврово – Дебар

Внимавајте, полицијата засилено казнува за еден сообраќаен прекршок