Утрински Весник
Свет

Средниот слој во Германија во страв дека ќе пропадне

Средниот слој во Германија во страв дека ќе пропадне

Зголемување на трошоците за енергија, инфлација што ги јаде приходите, високи каматни стапки на заемите, сето тоа во моментов оптоварува многумина во Германија. Оваа криза, доколку потрае, може да го разниша темелот на општеството – средната класа, пишува Дојче веле.

dobivaj vesti na viber

Според медиумот, ваквите луѓе ги има многу и добро живееле до сега: просветни работници, државни службеници, занаетчии. Социјалната група со среден приход е столб на германското општество. Постојат различни дефиниции за припадност кон средната класа, но може да се каже дека се работи за луѓе кои заработуваат од 80 до 150 проценти од просечната плата.

За самци тоа е меѓу 1.350 и 3.000 евра нето приход месечно, додека за семејствата тој приход би требало да биде помеѓу 2.800 и 5.000 евра. Во таа група спаѓаат вкупно 50 отсто од населението. Оваа група плаќа најголем дел од даноците и на тој начин придонесува за социјалната држава и благосостојба. Како по правило, овие луѓе имаат голема доверба во демократијата и придонесуваат за стабилноста.

Во Германија, според истражувањето на фондацијата Бертелсман, дури 73 отсто од граѓаните во земјата сметаат дека припаѓаат на средната класа.

„Во Германија има релативно широка средна класа, на која ѝ припаѓа значителен дел од населението или на која можете да и припаѓате доколку сте трудољубиви и вложите труд. Тоа беше центар за интеграција на општеството на кој човек сакаше да му припаѓа“, вели Патрик Сахве од Истражувачкиот центар за нееднаквост и социјална политика на Универзитетот во Бремен.

Според статистиката на Организацијата за економска соработка и развој, средната класа во Германија е нешто поголема од европскиот просек.

Но, некои земји како Данска и Словачка се далеку над тој просек. Во гореспоменатото истражување се вели дека „на младите им е се потешко да обезбедат место во средната класа“. Веројатноста да се постигне статус со просечен приход е десет проценти помала од 1990-тите.

„Ние сè уште имаме широка и стабилна средна класа“, вели Дороти Спанагел, директорка за редистрибутивна политика во Економскиот и социолошки институт на Фондацијата Ханс Беклер.

„Но, таа се придвижува кон долниот раб. Поранешниот впечаток дека со добро професионално образование човек има сигурен приход и можеби еден ден може да купи куќа, постепено исчезна“. Наместо верба во ветувањето за општествено воздигнување, постои страв. Кристоф Батервеге, кој ја проучува сиромаштијата, за германските медиуми изјави дека сиромаштијата повеќе не е проблем само на маргиналните групи.

Се појавува и во сосема нормални семејства. На пример, Истражувачкото друштво никогаш во својата историја не измерило полоша вредност кај Германците кога станува збор за очекуваниот приход во иднина.

Во Советувалиштето за долгови и несолвентност на службата на протестантската црква во Келн, овој страв од неможност да се справи со кризата е веќе реалност. „Вработените во комуналните претпријатија ни се јавуваат да прашаат за курсеви каде што можат да научат како да се однесуваат со луѓе кои се очајни и исплашени“, вели Мартин Дебенер, стручен консултант во советувалиштето. Слични искуства има и Меике Корс од советувалиштето за должници: „Гледаме дека има многу, кои се, на пример, од ниската средна класа, кои нормално би се снашле доста добро со својата плата, но сега на основа на кредити , високи кирии и високи трошоци за енергија и прехранбени производи, со нивниот приход брзо се фрлаат на ѕид“.

Истражувањето на Институтот за германска економија (IW) покажува дека енергетската криза директно влијае на ниската средна класа. Штом едно домаќинство троши повеќе од 10 отсто од својот приход на енергија, се смета за „енергетски сиромашно“.

Бројот на такви домаќинства се удвоил од 2021 година до мај 2022 година и сега изнесува 41 отсто од сите домаќинства од пониската средна класа. Тоа значи дека голем број луѓе ќе западнат во тешкотии бидејќи без финансиски резерви очекуваат експлозија на цените на енергенсите. Сахве вели дека задачата на политиката е да не ги заборави овие луѓе и насочено да им помогне.

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години